Шиитските бунтовници Хути се обидоа денеска да ја прошираат територијата, која е под нивна контрола, извршувајќи напад врз градот Таиз во централен Јемен и покрај тоа што е прогласено хуманитарно примирје, јави ДПА.
Таиз е третиот по големина град во земјата по главниот град Сана и јужното пристаниште Аден. Тој има стратешка позиција, бидејќи се наоѓа на патот за Аден, кој бунтовниците се обидоа да го заземат во март.
Во Таиз избија жестоки судири меѓу бунтовниците и локалните милиции, откако Хутите и воените единици, кои се под нивна контрола се обиделе да заземат две област кои останаа под контрола на силите, лојални на претседател Абд Рабу Мансур Хади.
Според досегашните информации најмалку десет бунтовници загинале во судирите, а нема информации за жртви од страна на локалните сили.
Над градот кружат воени авиони на коалицијата, предводена од Саудиска Арабија, кои извршуваат воздушни напади.
Во Јемен во вторникот стапи во сила петдневно примирје, со цел да се овозможи доставка на храна и хуманитарна помош за цивилните жители.
Светската здравствена организација објави денеска дека во судирите во Јемен досега загинале 1.700 лица, а над седум илјади се ранети.