Британскиот енергетски гигант “Бритиш петролеум” (БП) денеска соопшти дека се согласува да плати парична казна од 4,5 милијарди долари, како дел од спогодбата со американското министерство за правда во тужбата покрената за еколошката катастрофа со истакнувањето на нафта во Мексиканскиот Залив во 2010 година.
Во соопштението се вели дека компанијата со седиште во Лондон, исто така, се согласила да се изјасни за виновна за делата кои резултираа со смрт на 11 лица во експлозија на нафтената бушотина “Dipvoter horajzon”, по што во морето се излеаја милиони барели нафта, пренесува агенција АФП.
“Вкупната вредност на договорот е околу 4,5 милијарди долари а исплатата ќе се одвива во период од шест години”, се вели во соопштението на БП.
Извршниот директор на британската компанија, Боб Дадли, изјави: “Сите ние во БП длабоко жалиме за трагичната загуба на животите предизвикани од експлозијата на ‘Dipvoter horajzon”, како и од последиците на излевањето на нафтата во Заливот на Мексико”.
Угледот на британската компанија пред две и пол години беше уништен од експлозија на споменатата нафтена бушотина, во која загинаа 11 лица, додека во морето се излија милиони барели нафта.
На почетокот на оваа година, БП постигна договор за исплата на отштета за рибарите и на другите погодени од катастрофата со износ од 7,8 милијарди долари, но договорот се уште чека на одобрување од Федералниот суд.