Околу две илјади гости се собра денеска во катедралната црква Вестминстер Аби во центарот на Лондон на одбележувањето на 60-годишнината од крунисувањето на британската кралица Елизабета Втора.
На свечената церемонија во црквата се присутни дваесет членови од нејзининото семејство, предводени од сопругот, принцот Филип (92). Тој учествува во денешната свечена церемонија иако отсуствуваше од синоќешниот прием, бидејќи „не се чувствувал добро“.
На церемонијата учествуваат и престолонаследникот Чарлс, како и неговиот син, принцот Вилијам и неговата бремена сопруга Кетрин Мидлтон, војводката од Кембриџ.
На јубилејот од крунисувањето на кралицата се присутни и некои луѓе кои биле на свеченостите во Вестминстер Аби во 1953 година.
На свеченоста е присутен и британскиот премиер Дејвид Камерон. Елизабета го наследи својот татко, кралот Џорџ Шести, кој почина од рак во февруари 1952 година, од кога таа е на британскиот престол, но свеченото крунисување беше извршено повеке од една година подоцна во јуни 1953 година.
Елизабета, која тогаш имаше 27 години, стана 38-от суверен крунисан во Вестминстерската Опатија според церемонијата воспоставена уште при крунисувањето на кралот Вилијам Освојувачот во 1066 година.
На денешната свеченост во црквата се презентирани тешката и со злато и дијаманти круна на Св. Едвард, како и тронот за крунисување, едно од парчињата англиски мебел што се уште се употребува. Кралицата Елизабета (87) веќе 61 година е на британскиот престол.
Таа за три години може да биде суверенот со најдолг стаж на тронот, во англиската и британската кралска историја. Засега пред Елизабета е кралицата Викторија, која почина во 1901 година по поминати 64 години на престолот.
Денешното одбележување на шестдеценискиот јубилеј од крунисувањето е втор таков случај во историјата на земјата.