Британецот Еди Махер (57), кој речиси 20 години се наоѓаше во бегство во САД, конечно го призна грабежот на 1,2 милиони фунти пред влезот на банката „Лојдс“ во јануари 1993 година.
Махер беше откриен и уапсен во американската сојузна држава Мисури во февруари минатата година и беше префрлен во Велика Британија, но грабежот го призна дури денеска на сослушувањето пред лондонскиот Суд.
Грабежот се случи во малото место Феликстоу во англиската област Есекс, кога тогаш 37-годишниот Махер кој работел како обезбедување на возилото за пренесување на пари, го грабнал комбито полно со пари и исчезнал во непознат правец.
Во првиот најблизок град, парите ги префрлил во две различни возила, но полицијата се уште не знае како успеал со парите да замине од Велика Британија.
Во САД Махер се криел под лажен идентитет како Стивен Кинг. Со парите си купил куќа и направил фарма во Колорадо, но често се селел од една сојузна држава во друга, во обид да ги прикрие трагите. Тој беше уапсен во Мисури, врз основа на потерницата од Велика Британија.