Вијести – Подгорица
Нема тука многу криење. Секој четврток навечер на Плоштадот Луксембург, на платото пред Европскиот парламент во Брисел, ќе видите десетици лобисти и европски парламентарци или службеници на Европската комисија на неформални состаноци.
Пред десет години ова беше мирен плоштад на белгискиот главен град, со едно единствено кафуле. Заживеа со доаѓањето на лобистите од целиот свет. Ритуалот во четврток навечер има и прикладно име – plux, скратено од Place du Luxembourg. Циниците би рекле дека „плакс“- увањето во четврток ја прави самата суштина на политичкиот живот во Брисел.
Никаде во Европа нема толку лобисти како во Брисел. Со нивниот број расте и загриженоста за демократијата. Затоа и Жан-Клод Јункер при преземањето на Европската комисија вети транспарентност и побара од повисоките претставници на Комисијата детално да ја известат јавноста со кого и кога се состануваат.
– Овие податоци се достапни шест месеци наназад, така помисливме дека е добар период да направиме пресек на состојбата и да видиме со кого се состануваат европските комесари, вели Даниел Фројнд, политички директор на организацијата „Транспаренси Интернешанл“.
Таа организација разви интерактивна база на податоци integritywatch.eu на која се наброени сите познати состаноци на европските лидери. Тука може да се пребарува по имиња на функционерите, фирмите или според клучни зборови.
Ако на пример го внесете поимот Србија ќе видите дека лобистите на „Делта Холдинг“ два пати се сретнале со Кирјакос Хараламбус, член на кабинетот на комесарот за проширување Јоханес Хан.
Прво бизнисот
Тоа не е никакво чудо. Дури 75 отсто од сите состаноци отпаѓаат на лобистите на крупниот капитал. Многу помалку состаноци отпаѓаат на НВО или црквите, додека политичарите во само два отсто случаи се состануваат со претставници на локалните власти. Ако се гледаат поединечно фирмите, најактивни се лобистите на „Гугл“ и „Џенерал електрик“.
Сепак, уште повеќе состаноци одржале претставниците на моќната асоцијација „Бизнис Јуроп“, која ги собира големите европски работодавци. Генералниот секретар на таа асоцијација Маркус Бејрер вели дека состаноците со пратениците се важни за да знаат какви последици имаат законите кои ги донесуваат.
Кој на кого какво знаење пренесува? Базата на податоци стана моќно оружје на новинарите кои сега можат да следат кои компании посебно лобираат пред гласање за некој одреден закон. Порталот „Политико“ во мај почна да објавува неделен преглед на лобирањето во Брисел.
Џејмс Паничи, кој учествува во пишувањето на тој преглед, вели дека ЕУ во тој поглед е далеку потранспарентна од многу држави. – Доаѓам од Австралија каде не постои никаква транспарентност. Таму навикнав на тоа дека лобирањето е обвиткано во превез на тајна, вели тој.
Мистериозен Совет
Но, не се сите воодушевени од оваа идеја на транспарентна демократија. Додека членовите на Еврокомисијата и Европарламентот се обврзаа на транспарентност, Советот на министри на ЕУ тоа го одби. Оваа група на ресорните министерства или шефови на држави или влади на ЕУ смета дека се најмоќна гранка на европската власт.
– Советот не мора да објавува баш ништо. Немаме ни претстава во која мерка лобистите влијаат на Советот на министри и тоа е голем проблем, вели Паничи.
Комисијата предлага закони, но Парламентот пред се Советот на министри можат да ги менуваат или да ги блокираат предлозите. Покрај тоа, студиите покажаа дека претставниците на членките на ЕУ во Брисел се однесуваат многу потаинствено од што тоа го прават дома.
– Советот е далеку помалку транспарентна институција, вели Даниел Фројнд од „Транспаренси“. – Во април објавивме извештај во кој ја споредуваме транспарентноста на трите главни гранки на власта во Брисел, со транспарентноста на владите во 19 членки на ЕУ. Единствено владата на Словенија дома потранспарентно работи од ЕК. И ЕП е некаде на средина на листата. Но, Советот на ЕУ е на дното, со владите на Унгарија и Кипар, додава тој.
Фројнд вели дека големите играчи од Советот на ЕУ мора да го прифатат фактот дека немаат само извршна власт, туку дека учествуваат во законодавството на ЕУ, што ги прави одговорни пред граѓаните на земјите од кои доаѓаат, но и пред другите Европејци.
– Се надевам дека повеќе нема да се кријат зад тоа: но јас одговарам пред Парламентот на мојата земја. Нивните одлуки влијаат на 300 милиони граѓани. ЕУ мора да биде лидер во транспарентноста посебно што Брисел на граѓаните им делува многу подалеку од националните парламенти. Изгледа дека новата постава на Европската комисија тоа го сфати, вели Фројнд.
Јасно е дека базата на податоци која нуди преглед на состаноците со лобистите не е целосна ако не ги опфати и контактите на Советот на министри. Но, во „Транспаренси“ се надеваат дека постоењето на базата ќе ги натера сите кои се вклучени во процесот на донесување на европските закони, тоа да го прават транспарентно.