Европската унија и Велика Британија се усогласија околу најголем дел од условите во договорот за истапување на земјата од блокот, изјави денеска во Брисел главниот преговарач на ЕУ за Брегзит, Мишел Барние.
– Преговарачите се договорија за најголемиот дел од она што ќе овозможи соодветно истапување на Обединетото Кралство од Унијата, рече Барние на заедничката прес-конференција со британскиот министер за Брегзит, Дејвид Дејвис.
Согласно договореното, предвидено е воспоставување на преоден период, што ќе трае од излезот на Велика Британија од Унијата на 29 март 2019 година., па до 31 декември 2020 година.
Барние нагласи дека останува уште да се постигне целосен договор околу копнената граница меѓу британската покраина Северна Ирска и Република Ирска, која е дел од ЕУ.
Дејвис, од своја нагласи, дека постигнатиот напредок во преговорите за Брегзит претставува „значителен чекор“ напред кон конечен договор.
Тој воедно изрази надеж дека договореното ќе биде поддржано од лидерите на ЕУ на Самитот предвиден за в четврток и петок.
Дипломатски извори од Брисел информираа дека на денешните разговори бил утврден нацрт текстот за договорот за Брегзит во делот што се однесува за преодниот период, како и дека е постигната „широка согласност околу ирската граница“.
– Усогласен е и конечниот текст на договорот за правата на граѓаните на ЕУ кои ќе останат да живеат во Велика Британија по Брегзитот, како и финансикиот договор, дополни истиот извор,
Денешната средба на главните преговарачи претставува продолжени на разговорите меѓу дипломатски претставници ЕУ и Велика Британија што се одржаа изминатиот викенд во обид за надминување на разликите околу одредбите во конечниот договор.