Европската Комисија бара од украинската влада спроведување серија темелни економски и општествени реформи, како и елиминирање на вкоренетата корупција во државата.
Барањето на Брисел се совпаѓа со денешните разговори во Киев меѓу претседателот на ЕК Жан Клод Јункер и украискиот претседател Петро Порошенко.
Реформите на кои инсистира ЕК се однесуваат, пред се, на уредувањето на состојбите во енергетскиот сектор на Украина за што Брисел вели дека имаат примарно значење.
Реформите во економскиот систем на земјата се поврзуваат и со огромниот долг на Украина, за кој има малку информации, како и со започнување сеопфатна битка со корупцијата, за која се тврди дека ги има зафатено сите пори на тамошното опшеството.
Европски финансиски експерти тврдат дека украинската ситуација е мошне слична на онаа во Грција, затоа што и властите во Киев се на работ да прогласат дека не може да ги сервисираат своите долгови и да објават неликвидност. ММФ на почетокот од оваа година се согласи да и даде заем на Украина од 40 милијарди долари во наредните четири години, но проценките се дека тоа е недоволно за она што и е потребно на земјата.
Во европската делегација во Киев се наоѓа и претседателот на Европскиот совет Доналд Туск, а разговорите со украинскиот претседател се први по потпишувањето на спогодбата за асоцијација и стабилизација, во јуни минатата година.
Одредбите на спогодбата, Брисел привремено ги суспендира до 1 јануари 2016 година на барање на Русија која од порано тврди дека стравува за својата економија од можноста, врз основа на оваа спогодба, Украина да се превори во терен од каде евтините европски производи ќе влегуваат на рускиот пазар.
Европската Комисија сега притиска врз Киев да отпочне со реформите што ги бара од сите кои се поврзани со ЕУ, за да може да функционира спогодбата, но и за да се уреди Украина во современа европска држава.
На кус рок, Брисел настојува да се обезбедат услови за имплементација на мировниот договор од Минск, од февруари годинава, кога украинската влада се обврза и на спроведување на уставни промени со кои би се гарантирала стабилноста на земјата и би се обезбедил траен мир.
Посетата на Јункер и Туск на Киев доаѓа по се позасилените гранатирања во југоситочна Украина, околу приморскиот грда Мариупол и барањето на претседателот Порошенко за испраќање на европски мировни сили, наместо набљудувачката мисија на ОБСЕ. Украинскиот претседател тврди дека невооружените набљудувачи не се доволна гаранција за спроведување на контролата на примирјето,па бара вооружени сили на ЕУ, но Брисел не е расположен да се вклучи во една ваква мисија.