Британскиот мултимилионер и донатор на Лабуристичката партија, Асем Алам, ги повика „умерените“ пратеници-лабуристи да му откажат верност на новиот левичарски лидер Џереми Корбин и да ја напуштат партијата, пишува „Тајмс“.
Алам е еден од десетте најголеми донатори за опозициската партија, кој од 2010 година на лабуристите им дал 720 илјади фунти, но сега најавува дека ќе го запре финансирањето несогласувајќи се со новиот левичарски курс што го наметнуваат Корбин и неговите истомисленици.
Според лондонскиот весник, уште еден богат донатор, Џон Милс, најавил дека ќе престане да ја финансира партијата, затоа што таа го напушта нејзниот досегашен центристички курс, но Алам е првиот што отворено повикува на расцеп меѓу лабуристите.
Алам, кој е Египќанец по потекло и сопственик на фудбалскиот клуб „Хал Сити“, им сугерирал на умерените лабуристичките пратеници или да ја напуштат партијата и да формираат нова со центристичка ориентација или да им се приклучат на Либералните демократи, ветувајќи им сигурно финансирање.
Откритието на „Тајмс“ доаѓа непосредно по првиот настап на Корбин во Долниот дом на Парламентот, како и по случувањата со и околу него, што ги регистрираат британските медиуми.
Станува збор за скандалот кога Корбин не ја пееше британската химна „Боже чувај ја кралицата“ на комеморацијата за одбележување на 75-годишнината од „Битката за Британија“ и за бурната седница на лабуристичката Влада во сенка.
Напнатата ситуација на таа седница ја создал самиот Корбин кој барал од членовите на Кабинетот да му изразат лојалност за социјалните бенифиции, економската политика, нуклеарната програма и ЕУ, за кои новиот лидер инсистирал да бидат врз неговите левичарски ставови.
Весникот открива дека Корбин (66) е во љубовна врска со пратеничката Дијана Абот (62), ветеран на левичарското крило во партијата, која тој веднаш ја внесе меѓу членовите на Кабинетот во сенка. Таа предизвикала инцидент на седницата, покренувајќи расправи со еден член на Владата во сенка, но Корбин не реагирал и оставил таа да се „пресмета“ со неистомисленикот.
„Левичарската“ економска политика што ја најавува новиот лабуристички лидер, предизвика загриженост кај Банката на Англија, па нејзиниот гувернер Џејмс Карни предупреди дека една таква политика во домашната економија е штетна токму за сиромашните слоеви на британското општество и сигурно ќе предизвика забрзан раст на инфлацијата.
Првата анкета направена во домашната јавност, покажува дека само 15 отсто од Британците веруваат дека Џереми Корбин би можел да биде британски премиер и да ја управува земјата.