Американскиот државен секретар Ентони Блинкен денеска им порача на талибанците дека новата привремена влада што ја формираа ќе мора да го заслужи „секој легитимитет, секоја поддршка“.
Блинкен ја даде изјавата по средбата со германскиот министер за надворешни работи, Хајко Мас, во американската воздухопловна база Рамштајн во Германија, каде заедно беа домаќини на виртуелниот состанок на министри од 20 земји, НАТО и Европската унија посветен на кризата во Авганистан.
Тој нагласи дека односот кон владата и талибанците ќе зависи од нивните постапки.
Талибанците вчера го објавија составот на новата влада, а министерските позиции ги добија личности кои се истакнале во изминатите 20 години во борбата против САД и нивните сојузници.