Блинкен на состанок во Пекинг: „Кина и САД сакаат да ги стабилизираат однсите“

Од:

Американскиот државен секретар Антони Блинкен и кинескиот министер за надворешни работи Чин Ганг изразија желба за време на денешниот состанок да се стабилизираат односите меѓу двете сили и да се спречи нивното меѓусебно ривалство да ескалира во конфликт, соопштија претставници на Стејт департментот.

„За време на состанокот во Пекинг, Блинкен многу јасно стави до знаење дека САД не сакаат да се одалечи од Кина и беше постигнат договор двете страни да продолжат со разговорите за да се постигне напредок на голем број фронтови“, изјавија официјални лица за новинарите.

Кинеската страна од своја страна објави дека кинескиот министер за надворешни работи му рекол на американскиот државен секретар дека Кина е посветена на градење стабилни, предвидливи и конструктивни односи со САД.

Чин, исто така, јасно ја истакна загриженоста на Кина за нејзините суштински интереси, вклучително и тајванското прашање, опишувајќи го како „најистакнат ризик“ во кинеско-американските односи, според извештајот на кинеските државни медиуми за состанокот.

Блинкен ја истакна важноста од одржување на отворени линии на комуникација за да се намали ризикот од погрешни пресметки, соопшти Стејт департментот, а двајцата се согласија повторно да се сретнат во Вашингтон.

Според портпаролот, првиот американски шеф на дипломатијата што ја посетил Кина во последните пет години одржал искрени, суштински и конструктивни разговори со министерот за надворешни работи Чин Ганг.

„Блинкен наведе голем број прашања од интерес, како и можности да се најде соработка за заеднички транснационални прашања со Народна Република Кина каде што нашите интереси се усогласени“, рече Метју Милер.

Пред разговорите, американските власти гледаа мали шанси за некаков напредок на долгата листа на спорови меѓу двете најголеми светски економии, почнувајќи од трговијата и напорите на САД за ограничување на кинеската индустрија за полупроводници до статусот на Тајван и човековите права.

Блинкен, кој го одложи патувањето во Кина во февруари откако наводен кинески шпионски балон прелета над воздушниот простор на САД, е највисокиот функционер на американската влада што го посети откако претседателот Џо Бајден ја презеде функцијата во јануари 2021 година.

Кинескиот помошник-министер за надворешни работи Хуа Чунјинг на Твитер објави фотографија од ракувањето на Чин и Блинкен и напиша: „Се надевам дека оваа средба може да помогне кинеско-американските односи да се вратат на она што двајцата претседатели го договорија на Бали“.

Би можело да ве интересира

Торнадо во Кина, најмалку пет лица загинаа, а 33 се повредени

Блинкен: Имаме докази дека Кина се обидува да се меша во нашите претседателски избори

Блинкен: Се надеваме дека повеќе Американци ќе студираат во Кина

Кина ги отфрли обвинувањата дека ја поддржува руската инвазија на Украина

(ВИДЕО) Големи поплави во Кина, повеќе од 50.000 луѓе се раселени

Горан Наумовски

Кина жестоко го критикуваше Израел, но не ги спомна иранските напади

Горан Наумовски