Поранешниот министер за надворешни работи на Шведска, Карл Билт оцени денеска дека тоа што балканските земји си го блокираат една на друга патот кон ЕУ – „не е добар знак“.
– Тоа што балканските држави се блокираат една со друга во процесот за пристап кон ЕУ, благо речено, не е добар знак. Тоа веќе сме го виделе, напиша на Твитер Билт, кој беше и висок претставник на меѓународната заедница за Босна и Херцеговина.
Хрватска минатата недела на состанокот на Работната групи за проширување на Советот на ЕУ, не даде согласност Србија да го отвори Поглавјето 23 од преговорите за челнство, кое се однесува на правосудството и човековите права, бидејќи хрватската претставничка изјави дека „нема инструкции“ околу тоа.
Тогаш беше најавено дека разговорите ќе бидат продолжени неделава.
Шефицата на Преговарачкиот тим за водење на преговори за пристап на Србија кон ЕУ, Тања Мишчевиќ денеска на заседанието на Комитетот за проширување на Советот на ЕУ (ЦОЕЛА) во Брисел, изјави дека нема да се говори за Поглавјето 23.