Поранешниот претседател на САД, Бил Клинтон и познатиот пејач Брус Спрингстин се вклучија во кампањата на кандидатот на демократите и актуелен претседател на САД, Барак Обама.
Говорејќи на предизборниот собир во Охајо, Клинтон истакна дека Обама им помогнал на граѓаните на Америка и дека сега треба тие да ја возвратат помошта.
„Невработеноста е намалена од 9 на 7.8%. Не е се средено, но сега се одлучува по кој пат ќе се оди за да се подобри економијата“, изјави Клинтон.
Поранешниот претседател го исмеа настапот на Ромни во втората дебата.
„Тој сака да ги убеди умерените гласачи дека е новиот човек, а при тоа не се откажа од ниту еден став кој го има во последните две години, кога се претставуваше како одлучен и конзервативен Мит Ромни“, додаде Клинтон.
Спрингстин за прв пат настапи како поддржувач на Обама во оваа кампања. Тој го поддржуваше и на изборите пред четири години.
Брус Спрингстин имаше 40-минутен концерт по Клинтон. Покрај Спрингстин, Обама доби голема поддршка и од многу други личности од американската музичка и филмска сцена, меѓу кои се Бијонсе, Џеј Зи, Џенифер Лопез, Стиви Вондер, Алиша Кис, Мараја Кери, Марк Ентони, Џорџ Клуни, Меџик Џонсон и ЛеБрон Џејмс.