Германија и Саудиска Арабија влегоа во дипломатска препирка откако за време на посетата на Ријад минситерската за одбрана Урсула Фон Дер Лејен одбила да го покрие телото како што е предвидено со саудиските закони, јави дописникот на МИА од Берлин.
Критиките во Саудиска Арабија дојдоа преку социјалните мрежи на кои Фон Дер Лејен од страна на Саудијците е обвинета дека не ја почитува саудиската култура.
– Германската министерка за одбрана намерно не носи хиџаб. Тоа е навреда за Саудиска Арабија, се вели во еден од твитовите за посетата на Фон Дер Лејен на Ријад каде таа се сретна со заменикот крунски принц Мохамед бин Салман ал Сауд.
Фон Дер Лејен е критикувана за неносење на таканаречената гардероба абаџа која што го покрива целото тело освен лицето, нозете и рацете.
Германската министерка ги одбива тврдењата дека свесно ја навредила Саудиска Арабија тврдејќи дека жената има право сама да одлучи како ќе се облекува и дека на ниту еден член на нејзиниот тим не било наложено да користи посебна гардероба за време на посетата на Ријад.
Критиките за германската минситерка доаѓаат само еден ден откако германските служби за безбедност објавија дека Саудиска Арабија е една од земјите во Заливот кои што ги помагаат радикалните салафисти во Германија.
На партиски конгрес пред една недела германската канцеларка Меркел најави дека носењето на хиџаб и бурка во официјални институции или за време на полициски проверки ќе биде забрането во Германија за што владата во Берлин веќе подготувува закон.