Германскиот министер за надворешни работи Франк-Валтер Штајнмаер повика на привремена забрана за сите воени летови над Сирија со цел да се одржи примирјето, прогласено минатата недела.
Штајнмаер со барањето се спротивстави на барањето на американскиот државен секретар Џон Кери кој претходно побара забрана само за руските и сириските авиони.
Зборувајќи во Обединетите Нации, Штајнмаер изјави дека сите авиони, вклучително и тие на САД треба привремено да запрат со летови над Сирија во текот на една недела.
– Состојбата во Сирија е на работ на ножот. Доколку сакаме успех во одржување на примирјето, единствен начин да се постигне тоа е да се прогласи целосна, но привремена, забрана за летови над Сирија. Забранта треба да трае најмалку три, но би било подобро да трае седум дена, изјави Штајнмаер во Њујорк, пренесуваат германските медиуми.
Изјавата на шефот на германската дипломатија доаѓа откако американската авијација призна дека целејќи на припадници на ИД по грешка убила 62 сириски војници во близина на градот Деир Ез Зор.
Во друг инцидент во близина на Алепо минатата недела беа убиени 21 цивил во хуманитарен конвој.
САД веднаш ја обвини Русија за нападот, а официјална Москва негираше каква било улога во инцидентот барајќи да се спроведе независна истрага пред да се обвинува која било од страните во конфликтот, пренесува дописникот на МИА од Берлин.
Пред говорот на Штајнмаер во Генералното собрание на ОН, Русија го критикуваше предлогот на Вашингтон за приземјување само на руските и сириските авиони.
За состојбата во Сирија денеска во Москва разговарале и виеканцеларот Зигмар Габриел кој изјавил дека рускиот претседател Владимир Путин е согласен и САД да ги заштитува хуманитарните конвои во Сирија, но дека се сомнева дека американскат армија е подготвена за тоа.