Белоруски суд осуди двајца мажи на 22 години затвор за нивна вмешаност во саботажа на железничката мрежа, а со цел да се забави движењето на руските сили низ земјата, објави групата за човекови права „Вјасна“.
Осудените се 28-годишниот Дмитриј Климов и 27-годишниот Владимир Арамцев. Тие беа прогласени за виновни по пет обвиненија, меѓу кои предавство и тероризам, соопшти „Вјасна“.
Третиот обвинет, Евгениј Минкевич, е осуден на 18 месеци затвор затоа што не ги пријавил постапките на Климов и Арамцев, но Судот го ослободи од обвинение затоа што одлежал доволно време во притвор пред пресудата.
Тројцата мажи беа уапсени од белоруските власти на крајот на март минатата година. Едниот бил застрелан во коленото при апсењето.
Двонеделното судење се одржа зад затворени врати во Окружниот суд во Могилев, објави „Вјасна“.
Откако Русија ја искористи Белорусија за да ја нападне Украина во февруари минатата година, беа извршени десетици акти на саботажа врз железничката мрежа на белоруските железници, пишуваат западни медиуми.
Саботерите ја оневозможија опремата за контрола на сообраќајот, што доведе до блокирање на некои железнички делници.
Белоруските власти официјално објавија апсење на 13 лица за саботажа во железничкиот транспорт.
Според активистите за човекови права, во белоруските затвори во моментов има околу 1.500 политички затвореници.