Белоруската армија започна воени вежби долж полската граница, во главниот град Минск и североисточниот регион Витебск, соопшти утрово белоруското Министерство за одбрана, а пренесе Ројтерс.
Во воената вежба, која ќе трае една недела, војниците ќе вежбаат „ослободување на територијата привремено окупирана од непријателот“ и „воспоставување контрола над пограничните региони“, се вели во соопштението на Министерството.
Белорусија тврди дека, со оглед на бројот на вклучени војници и опрема, тие не морале никого да информираат за вежбата според правилата на ОБСЕ.
Да потсетиме, Украина ја стационираше армијата и воспостави одбранбени позиции долж границата со Белорусија поради повторените сигнали дека нејзиниот северен сосед може да се приклучи на руската агресија против таа земја. Белорускиот диктатор Александар Лукашенко е најверниот сојузник на Владимир Путин, кому во февруари му дозволи да испрати руски сили во Украина од територијата на Белорусија.