Белорусија гради тајна воена база на помалку од 250 километри од полската граница, која би можела да се користи за сместување на балистички, па дури и нуклеарни ракети, објави денес порталот TVP World.
Во извештајот се наведува дека базата се гради во регионот Слуцк во Белорусија, кој е оддалечен околу 245 километри од источната граница на Полска, на местото каде што Советскиот Сојуз складирал нуклеарно оружје за време на Студената војна.
Безбедносниот аналитичар Конрад Музика рече дека базата „веројатно ќе биде вооружена со нуклеарно оружје“ или дека ќе има прикачена нуклеарна компонента. Тој додаде дека базата би можела да се користи и за распоредување на балистички ракети Орешник од руско производство.
Пензионираниот фински разузнавачки офицер, мајор Марко Еклунд, исто така рече дека локацијата изгледа како идна ракетна база, додавајќи дека тоа би било „стратешка предност“ не само за Белорусија, туку и за нејзиниот најголем сојузник, Русија. Сателитските снимки објавени од Радио Слободна Европа во среда покажуваат неколку структури во изградба, вклучувајќи хангари, ѕидови, складишта за муниција и темели на она што аналитичарите велат дека би можеле да бидат системи за воздушна одбрана, објави Танјуг.