Во Шведска зачестија барања за заострување на условите за прифаќање на нови имигранти и бегалци, како последица на притисокот што околу ова прашање во Парламентот и во пошироката јавност го врши екстремно десничарската партија Шведски демократи, јави досписникот на МИА од Гетеборг.
Најновото барање денеска го презентира најголемата опозициска партија Модератите, според која, неопходно е имигрантите прво да можат да покажат сигурни услови за сопствени приходи и издржување, пред да им биде дозволено да ги донесат своите најблиски членови на семејствотото во Шведска.
– Една јасна работна линија мора да важи за сите, рече за Шведската телевизија лидерот на опозицијата и на Модератите, Ана Кинберг Батра.
Таа ја повика работната група која моментно ја разгледува миграциската и интеграциската политика во рамки на нејзината партија, да подготви конкретни предлози на овој план што ќе бидат изнесени на конгресот на Модератите во октомври годинава.
Според споменатото барање, еден имигрант би можел да побара дозвола во Шведска да дојдат, на пример, неговата сопруга или родителите, доколку претходно има обезбеден стан и лични приходи.
Ова барање всушност беше воведено уште во 2010 година, односно во мандатот на претходната десноцентристичка владина коалиција предводена од Модератите.
Но, поради многуте исклучоци предвидени со тогашното законско решение, со споменатото барање засега се опфатени само околу еден процент од имигрантите во Шведска.