Барак Обама пристигна во историска посета на Куба

Од:

Американкиот претседател Барак Обама, заедно со сопругата Мишел и двете ќерки, доцна синоќа пристигна во Хавана, во историска посета на Куба.

Обама е првиот претседател на САД по 88 години, кој престојува на овој карибски остров, додека се уште е на функција.

Во текот на својата дводневна посета, Обама денеска ќе се сретне со кубанскиот претседател Раул Кастро, но не е предвидена средба со неговиот брат, поранешниот лидер на кубанската комунистичка револуција Фидел Кастро.

Според американските медиуми, главни теми на разговорот меѓу Обама и Раул Кастро ќе бидат унапредувањето на билатералните економски и трговски односи, како и политичките реформи во земјата.

Американскиот претседател ќе има средба и со група политички дисиденти, а ќе зборува во Националниот театар во Хавана, што директно ќе го пренесува кубанската телевизија. Предвидена е свечена вечера, а двајцата претседатели ќе одржат и заедничка прес-конференција.

На аеродромот во Хавана, Обама беше пречекан и поздравен од кубанскиот министер за надворешни работи Бруно Родригез, а не од претседателот Кастро кој неодамна ги пречека на аеродромот папата Франциско и рускиот патријарх Кирил.

По пристигнувањето, Обама прво ја посети Амбасадата на САД, што по обновата на односите во декември 2014, беше одново отворена во август минатата година, а потоа ја разгледа стара Хавана, целосно реставрираното некогашно градско јадро, што е ставено под заштита на УНЕСКО.

Американскиот претседател ја посети и катедралата „Сан Кристобал“, каде неколку часови пред тој да допатува во Хаване, кубанската полиција го растури протестот на групата „Жените во бело“ и уапси неколкумина нејзини активистки.

Оваа група ја сочинуваат сопруги на политички затвореници, кои неколку години секоја недела пред катедралата протестираат и бараат ослободување на нивните сопрузи.

Известувачите од кубанскиот главен град сметаат дека и покрај овој инцидент, посетата има „историски димензии“ затоа што само до пред 18 месеци таа беше тешко замислива.

Двете земји го прекинаа непријателството, се согласија да ги обноват дипломатските односи и да отворат амбасадаи во главните градови. Обновен е директниот сообраќај, а од вчера се обновени и поштенските врски, првпат по 1 јануари 1959 година и победата на револуцијата на Фидел Кастро.

Официјална Хавана смета дека вистинска обнова на односите ќе има дури откако САД ќе го укинат трговското ембарго воведено пред 54 години, како и по затворањето на американската поморска база во Гвантанамо на крајниот југоисток на Куба.

САД од порано порачаа дека базата „не е тема за разговор“, додека за прекинот на ембаргото е потребна одлука на Конгресот во Вашингтон, каде засега нема согласност за тоа, не само од републиканците, туку и од голем број демократи.

Американската делегација во текот на сегашната посета, целосно го игнорира Фидел Кастро кои за Кубанците останува нивниот „Ел Команданте“, но весниците во Хавана во своите неделни изданија, објавија фотографии од средбата на поранешниот лидер со претседателот на Венецуела Николас Мадуро.

Аналиитчарите оценуваат дека објавувањето на фотографиите, на денот кога претседателот на САД доаѓа во посета, претставува знак дека не сите во раководството на Куба се согласуваат со престојот на Барак Обама во нивната земја.

Би можело да ве интересира

Америка потврди: Им дадовме зелено светло, можат да нападнат

Кремљ: Ударот со хиперсонични ракети е предупредување за Западот

Американската разузнавачка служба ги предупреди одбранбените компании за заканата од руска саботажа

Чувар на американската амбасада во Осло уапсен под обвинение за шпионажа

Горан Наумовски

Русија: Ја предупредивме Америка за нападот

Со проектили е погодена воена база на САД во Сирија