Американскиот претседател Барак Обама и премиерот на Индија Нарендра Моди изразија задоволство од потенцијалот за поголема економска соработка меѓу двете земји.
Индискиот премиер Моди се наоѓа на официјална дводневна посета на САД.
По средбата во Овалната соба во Белата куќа Обама го пофали Моди за неговиот енергичен пристап кон проблемите во Индија, по стапувањето на должноста премиер во мај годинава.
Моди нагласи дека САД и Индија имаат голем број заеднички економски приоритети и го повика Обама да го олесни пристапот на индиските компании во областа на услугите до американскиот пазар.
– Ние веќе имаме основа на силно партнерство. Сега треба да ја зголемиме динамиката и да гарантираме дека ќе го постигнеме најдоброто за нашите народи и светот, изјави Моди.