Египетскиот политичар Мохамед ел Барадеј побара истрага во врска со насилствата, во кои загинаа најмалку 42 лица изутринава за време на протестите организирани од приврзаниците на соборениот претседател Мохамед Морси пред седиштето на Републиканската гарда.
– Насилството раѓа насилство и треба да биде остро осудено. Се наметнува потреба од независна истрага за случајот. Единствен пат е мирна транзиција, објави нобеловецот на својот „Твитер“ профил.
Египетската армија обвини дека терористичка група се обидела да ја нападне зградата, при што еден армиски офицер загина, а 40 се повредени.
Портпаролот на „Муслиманско братство“ објави на „Твитер“ дека приврзаниците на Морси, армијата и полицијата се обиделе да ги растурат нивните протести, употребувајќи прекумерна сила.
Египетската државна телевизија јави дека 42 луѓе загинале, а 322 лица се повредени при нападот на штабот на Републиканската гарда.