Иако следните претседателски избори во САД се закажани дури за 2016 година, првичното позиционирање на кандидате е во тек, при што и американскиот потпретседател Џо Бајден најави дека ќе влезе во трката.
Бајден би се соочил со поранешната прва дама, сенатор од Њујорк и државен секретар Хилари Клинтон, која е најсериозен кандидат на Демократската партија за изборите.
Бајден најави формирање на политички акциски комитет, организација која може да собира пари од граѓаните и бизнисите, кои потпретседателот до 2016 година ќе ги насочува кон кампањите на други демократски кандидати, особено за време на изборите за Конгресот во 2014 година.
Но, советници на Бајден информираат дека овој комитет ќе служи како основа за кампањата на самиот Бајден на следните претседателски избори.
Бајден воедно најави учество на партиски собири во сојузните држави Ајова и Њу Хемпшир, кои се клучни за претседателската трка, бидејќи први ги одржуваат изборите на кои меѓусебно се соочуваат кандидатите на двете најголеми партии, во овој случај Клинтон и Бајден.
– Тој е актуелен потпретседател на САД. Против кого и да се кандидира, има шанса да победи, изјави анонимен советник на Бајден за весникот Вол Стрит Џурнал, прашан за тоа дали навистина Бајден би ја предизвикал Клинтон, која важи за водечки демократски кандидат.
Хилари водеше и во партиските избори во 2008 година, но на крајот партиската база го одбра помладиот кандидат Барак Обама.
Бајден исто така учествуваше во овие избори, но се откажа уште по првото партиско гласање, во Ајова, кога освои незначителен број на гласови.
Во Белата куќа на Обама, Бајден е задолжен за соработка со Конгресот, каде служеше како сенатор од 1973 до 2009 година, и каде годинава помогна да се постигне значајниот договор за продолжување на даночните олеснувања.
Бајден беше задолжен и за менување на законите за оружје, каде неговите напори завршија со целосен неуспех, а меѓу другото се смета за задолжен и за Балканот.
Познат е по неговите чести гафови, како кога употреби пцост за да се пофали по потпишувањето на договорот за здравствените реформи Обамакер во 2010 година, или кога пред изборите во 2012 година изрази поддршка за признавање на хомосексуалните бракови, по што и претседателот Обама мораше да го смени својот став по ова прашање.
Бајден имаше и повеќе расно-чувствителни коментари, како кога ги обвини Републиканците дека планираат да ги стават Афроамериканците во синџири, или кога за Обама рече дека е првиот афроамерикански кандидат кој “добро се изразува, е чист и изгледа љубезно”, додека за Индијците во САД рече дека во сите продавници за крофни се слуша индиски акцент.
Познат е и по тоа што му изрази сочувство на ирскиот премиер за смртта на неговата мајка, која се уште беше жива, или кога повика локален демократски политичар-инвалид кој се движи со количка да стане и да се качи на бината до него.