Американскиот претседател Џо Бајден изјави денеска дека продолжува да го поддржува создавањето на независна палестинска држава, но додаде дека „се уште не е моментот“ за обновување на мировните преговори меѓу Израел и Палестинците.
Светот „едвај чека“ за мировен договор, рече Бајден на прес-конференција со палестинскиот претседател Махмуд Абас на окупираниот Западен Брег на реката Јордан.
Тој повика да се преземат чекори за подобрување на животот на палестинскиот народ.
„Клучот за мирот во регионот започнува со ставање крај на израелската окупација на нашата земја“, рече палестинскиот претседател.
Абас предупреди дека се намалуваат можностите за решавање на израелско-палестинскиот конфликт преку соживот на две држави. „Можноста за решение со две држави врз основа на границите од 1967 година може да постои и денес, но можеби нема да трае уште долго“, рече тој.
Во однос на убиството на палестинско-американската новинарка Ширин Абу Акл, Бајден рече дека е „огромна загуба за важната работа за споделување на приказната за палестинскиот народ со светот“.
„Соединетите Американски Држави ќе продолжат да вршат притисок за целосно и транспарентно објаснување на нејзината смрт и ќе продолжат да се залагаат за слободата на медиумите ширум светот“, додаде Бајден.
Абас повика да се побара одговорност од убијците на новинарката, која беше застрелана од страна на израелската војска во операција во градот Џенин на Западниот Брег на 11 мај.
По средбата, Бајден ја посети црквата Рождество Христово во Витлеем. Тој се ракуваше со претставници на локалната власт пред да влезе во историската базилика, која христијаните од сите вери ја сметаат за света.
Посетата на Бајден на храмот има за цел „да ги поддржи христијаните кои се соочуваат со предизвици во целиот регион“, соопшти Белата куќа.
Извор: МИА