Австралискиот државен обвинител Кристијан Портер потврди дека тој е досега неименуваниот министер во кабинетот, чија оставка ја бара дел од јавноста по обвинувањата дека силувал тинејџерка (16) пред повеќе од 30 години. Тој ги негира сите обвинувања, пренесува Си-Ен-Ен .
На прес-конференцијата, Портер објави дека тој е членот на кабинетот кој е обвинет за силување и силно ги негираше обвинувањата и сè што беше кажано против него во јавноста, но исто така рече дека нема да поднесе оставка, туку само ќе замине на кусо отсуство.
– Ако се повлечам поради наводи за нешто што едноставно не се случило, тогаш секое лице во Австралија може да ја изгуби својата кариера, работа, животни достигнувања, сето тоа врз основа на ништо повеќе од обвинение, рече Портер, пренесува Си-Ен-Ен.
Полицијата на Нов Јужен Велс вчера соопшти дека ја затворила истрагата за наводите за силување извршено од Портер, бидејќи нема доволно релевантни докази за нејзино продолжување.
Си-Ен-Ен објави дека овој случај излегол на виделина откако изјавата на наводната жртва на силување беше анонимно испратена до Кабинетот на премиерот и двајца пратеници од опозициските партии во текот на изминатата недела.
Сенаторката Сара Хансон Јанг, од редовите на Зелените, на која и беше испратена една од копиите од изјавата, за Си-Ен-Ен изјави дека тогаш неименуваниот министер бил обвинет од жена за силување кога имала 16 години и дека наводната жртва починала на 49-годишна возраст, во јуни 2020 година.
Австралискиот премиер Скот Морисон во понеделникот застана зад обвинетиот Портер, чија оставка ја побара дел од јавноста и рече дека тој остро и целосно ги негира сите обвинувања во врска со силувањето, додавајќи дека случајот е оставен на полицијата, пренесува Си Ен Ен.