Австралија подготвува нови антитерористички операции, додека над 70 Австралијци, кои сакаат да заминат за Сирија и Ирак со цел да се приклучат на џихадистите, ќе останат без своите пасоши, соопштија локалните власти.
Во септември годинава Австралија, што заедно со САД се бори против групата Исламска држава, го зголеми нивото на опасност од терористички закани од австралиски џихадисти, што се враќаат од Ирак и Сирија.
Властите спроведоа и голема полициска операција против подготвувани убиства на австралиска територија. Против две лица се покренати и обвиненија.
Новиот заменик началник на федералната полиција Нил Гоген изјави дека се подготвуваат нови операции.
– Парадигмата се промени, треба да реагираме побрзо и јавноста ќе стане сведок на повеќе наредби за претрес и апсења, изјави тој.
Главниот обвинител Џорџ Брандис соопшти дека властите конфискувале пасоши на 73 Австралијци, со цел да ги спречат да заминат за Сирија и Ирак.
Моментално 71 австралиски граѓанин се борат на страна на џихадистите во Ирак и Сирија. Во борбите се убиени 15 Австралијци, додека двајца од нив загинале во самоубиствени напади, нагласи Брандис.