Австралискиот премиер Скот Морисон денеска изјави дека Владата ќе испрати 3.000 војници резервисти како помош во гаснењето на пожарите што го зафатија југоисточниот дел на земјата.
– Видовме дека оваа катастрофа ескалира, изјави Морисон и додаде дека ќе бидат инвестирани околу 14 милиони американски долари за набавка на четири нови авиони канадери.
Според него, гаснењето на пожарите е одговорност на државата и пожарникарите, но големиот број пожари бара и национален одговор.
Министерката за одбрана Линда Рејнолдс изјави дека ова е првпат во историјата на Австралија да се распореди војска за да помогне при справување со пожарите.
Температурите во некои делови на источна Австралија надминаа 40 степени, а властите предупредија дека денеска ќе биде „многу опасно“.