Исчезнувањето на авионот на компанијата „ Ер Азија“, кој деновите се изгуби од радарите над Јаванско море, на летот од Индонезија кон Сингапур, при што не е позната судбината на 162 патници и членови на екипажот, е само дел од мистериозните исчезнувања на воздухопловните летала, од кои некои никогаш не се пронајдени.
1937 година
Амелија Ерхарт, првата жена пилот која сама го прелетала Атлантскиот океан исчезнала на 2-ри јули над Пацификот, во близина на островот Хауланд, при обид да го надлета светот.
1945 година
Пет бомбардери „Греман ТБФ авенџер”, познати под заедничко име “Лет 19″ на петти декември полетале од воена база во Форт Лодердејл поради рутинска вежба, од која никогаш не се вратиле. Подоцна исчезнал и хидроавионот „ПБМ маринер” со 13 членови на екипажот, кој бил испратен во потрага по нив во Атлантскиот океан и Мексиканскиот залив.
1948 и 1949 година
Две летала на компанијата „Бритиш Саут Американ ервејз” во тек на една година, исчезнале без трага во близина на познатиот Бермудски триаголник. Во јануари 1948 година “Стар тајгер” од Велика Британија полетал кон Бермудите. Откако на Азори наполнил гориво исчезнал на патот. Во јануари 1949 година „Стар Аријел” исчезнал откако од Бермудите полетал кон Кингстон Јамајка. И покрај потрагата во која учествувале 70 авионите, никогаш не се пронајдени.
1957 година
Авион на „Американ ервејз” на летот седум исчезнал од радарите на девети ноември, во првата етапа од патувањето околу светот, без претходно да испрати сигнал дека се наоѓа во опасност. Една недела подоцна во океанот, североисточно од Хонолулу се пронајдени остатоци од леталото и тела од патниците. Причината за несреќата до денес остана мистерија, особено откако во телата на жртвите, кои што се извлечени е регистрирано повисоко ниво на јаглен моноксид од дозволеното.
1963 година
Авион на летот 739 на доброволната воздухопловна единица „Летачки Тигри“ исчезнал додека превезувал војници од американската воена база во Калифорнија во Сајгон Виетнам. Сите 107 патници се прогласени за исчезнати, со претпоставка дека се мртви. За осум дена извршена е потрага на подрачје со површина од 520.000 квадратни километри, но остатоците од авионот не се пронајдени.
2003 година
Во случајот кој ги запрепасти ФБИ, ЦИА и американското Министерство за внатрешна безбдност во Ангола беше украден „Боинг 727“ , по што му се губи секој траг. Меѓународната потрага која беше спроведена поради страв дека авионот ќе биде искористен за некој вид напад, не вроди со плод. Авионот и пилотот Бен Чарлс Падиља, чие што семејство верува дека е киднапиран, никогаш не се пронајдени.
2014 година
Патничкиот авион на „Малезија ерлајнс“ на летот 370 од Куала Лумпур до Пекинг исчезна на осми март, за помалку од еден час по полетување. Негова последна позната позиција бил Тајландскиот залив, по што е прекинат контактот со леталото. И покрај најсложените акции за потрага во историјата на воздухопловството, во кои учествуваа голем број држави, не се пронајдени ниту црните кутии, ниту остатоци од авионот во кој имаше 227 патници од 14 држави и 12 членови на екипажот.
Е. Г.