Патнички авион на британската компанија „Вирџин Атлантик“ кој летал на редовна линија од Пекинг за Лондон, морал принудно да слета на аеродромот во Иркутск во рускиот регион Сибир, поради технички проблеми на леталото.
Во авионот „Ербас А340“ имало 286 патници и 15 членови на екипажот. Принудното атерирање минало сосема безбедно и без никакви проблеми.
Претставник на „Вирџин Атлантик“ во Лондон ја потврди информацијата дека нивниот авион враќајќи се од Кина, имал проблеми па морал да биде приземјен во Иркутск, но не даде никакви детали за карактерот на „техничките проблеми“ на британскиот „Ербас“.
– Принудното слетување беше направено како мерка на претпазливост и без намера да се ризикува безбедноста на патниците, објасни тој.
Првата инфрмација во Лондон за инцидентот со авионот ја соопштија патниците, информирајќи за тоа на социјалните мрежи. Според нивните објаснувања, авионот мирно летал на својата редовна траса, која се движи над Монголија кога се појавиле проблемите.
Се верува дека во тој момент пилотите забележале дека истекува гориво, па побарале и добиле дозвола да слетаат на аеродромот во Иркутск во близината на Бајкалското Езеро.
Авионот се уште се наоѓа на аеродромската писта, а патниците и екипажот се во латалото во очекување да се разреши проблемот со „Ербасот“.
Меѓу патниците се наоѓа и британскиот олимпиец во скок од даска Том Дели кој се враќал од еден меѓународен турнир во Шангај. Тој е дел од британскиот состав за спортските игри на земјите од Комонвелтот, што свечено ќе бидат отворени во среда во Глазгов.