Во експлозија пред џамија во западниот авганистански град Херат, денеска загина познат про-талибански свештеник, како и најмалку десетина цивили, соопштија властите.
– Муџиб Раман Ансари и некои од неговите чувари и цивили беа убиени на пат кон џамијата, изјави портпаролот на полицијата во Херат, Махмуд Расоли.
Расоли не кажа колку лица загинале во експлозијата.
Ал Џезира, повикувајќи се на неименувани извори, соопшти дека во нападот загинале 14 лица.
Портпаролот на талибанците Забиула Муџахид на Твитер изрази „силно сочувство“ за смртта на Ансари и рече дека напаѓачите ќе бидат казнети.
Муџиб Раман Ансари остро зборуваше во одбрана на талибанците на големиот собир на теолози и старешини организиран од групата кон крајот на јуни, осудувајќи ги сите кои се противат на нивното владеење.
Засега никој не ја презеде одговорноста за нападот.
Извор: МИА