Артур Мас бара Мадрид да не го попречува „изјаснувањето“ во Каталонија

Од:

Претседателот на регионалната влада на Каталонија, Артур Мас ги предупреди Владата во Мадрид и премиерот Маријано Рахој, да не преземаат никаква акција против денешното симболично „изјаснување“ на Каталонците околу нивниот иден политички статус.

Во Каталонија денеска требаше да се одржи референдум за независност, по примерот на оној во Шкотска, но по одлуката на шпанскиот Уставен суд, кој го забрани плебисцитот и го блокира гласањето, Мас и неговите националисти се одлучија за организирање на неформално гласање и консултативно изјаснување на луѓето.

Ваквото гласање нема правно значење, но каталонските националистички власти веруваат дека тоа во иднина може да има политичка тежина, при определувањето на идните чекори на Каталонија кон Мадрид и централаната влада.

Во изјавата пред почетокот на денешното гласање Мас рече дека не знае што ќе направи шпанската Влада и дека тоа зависи исклучиво од Мадрид.

– Доколку имаат барем малку чувство за заедништво, мислам дека секоја акција надвор од вообичаеното, ќе претставува директен напад врз демократијата и врз основните човекови права, изјави Мас.

Шпанскиот премиер Рахој, пак, ги повика Каталонците да им се вратат на „здравиот разум“ и на разговорите во рамките што ги определува Уставот на земјата.

– Ова гласање не е ниту референдум, ниту што било од тој вид. Сигурно е само дека тоа ќе нема никаков ефект, порача Рахој.

Пред изјаснувањето на Каталонците, антисепаратистичката организација Слобода и еднаквост (СеИ) организираше протести низ десетина градови. Протести организираа и разните националистички и сепаратистички групи и организации, но нема информации за судири со полицијата, како и за апсења.

Барем половината од околу 7,5 милиони Каталонци веруаат дека нивниот регион, кој е еден од најбогатите и најразвиените во Шпанија, дава повеќе, отколку што преку државните фондови добива за натамошен развој.

Националистички определените Каталонци веруваат дека Каталонија треба да биде посебна држава, надвор од Шпанија. Ваквото расположение се верува дека потекнува од годините на диктатурата на генерал Франко, кога беше забранет и целосно потиснуван каталонскиот идентитет.

На денешното изјаснување, Каталонците одговараат на две прашања, правото, „дали сакаат Каталонија да стане држава“ и „дали таа треба да биде независна“.

Поради забраната од Уставниот суд, во денешното гласање не може да се вклучат јавните службеници, па тоа ќе се спроведе со помош на повеќе од 20 илјади доброволци.

Би можело да ве интересира

Првиот човек на Валенсија одбива да поднесе оставка за грешките за време на поплавите

Уапсен полицаец, во ѕидовите од неговата куќа биле пронајдени 20 милиони евра

ВИДЕО: Во Шпанија ноќеска повторно се спасуваа луѓе, по улиците се излеваа реки вода

Катерина Ѓуровски

(ВИДЕО) Во Шпанија се затвараат училишта, се евакуираат некои жители по обилните дождови

(ВИДЕО) Драматични сцени од Шпанија: Малага е под вода

Горан Наумовски

Санчез: Времето за политички дискусии за поплавите ќе биде по реконструкцијата