Аргентинските војници кои учествувале во инвазијата врз Фокландиските острови во 1982 година, биле изложени на казнување, понижување и тортура, од сопствените офицери, покажуваат документите на воените власти, што по првпат досега и се прикажуваат на јавноста во Аргентина.
Службените документи со сведочењето на војниците врз кои била применувана тортура, досега беа сокривани, затоа што беа прогласени за доверливи и тајни.
Во документите се открива и дека инвазијата со цел да се освојат овие острови во Јужниот Атлантик, била лошо испланирана и набрзина изведена.
Војниците биле испратени без соодветна опрема за студот и влажната клима на Фокландите.
Публикуваните извештаи отриваат дека војниците биле сурово казнувани и тепани од своите старешини, доколку излегувале од рововите во кои живееле за да дојдат до храна, или да се загреат.
Војниците биле фрлани во празни гробови, им било зборувано дека ќе бидат стрелани како дезертери и често врз нив биле применувани лажни егзекуции.
За оние што ќе бидат прогласени за „непослушни“ било предвидено да бидат оставени во влажни униформи, на влажниот песок покрај морскиот брег на студеното фокландско време, некои од нив и по осум часови.
Со години на ред, аргентинските ветерани тврдеа дека се пратени на Фокландите без опрема, без доволно храна, без чизми и униформи за суровите климатски услови на островите, но досега немаше официјална потврда, ниту докази за ваквите обвинувања на некогашните војници.
Аргентинско-британската војна, што ја предизвика тогашната воена хунта во Буенос Ајрес, почна во април 1982 година и траше 74 денови, до јуни, кога британската армија, во судирите на море, во воздух и на копно ги порази Аргентинците и ја врати контролата врз островите кои се британска територија од 1833 година.
Повеќе од 650 аргентински и 255 британски војници загинаа во судирите.Аргентинците убија и тројца цивили, при инвазијата на островите.
Актуелниот претседател на Аргентина, Кристина Фернандез де Кихнер од пред неколку години покрена антибританска кампања за преземање на островите, тврдејќи дека Фокландите, што во Аргентина се нарекуваат Малвини, се дел од нејзината државна територија, иако во историјата тоа никогаш не се случило.
Во март 2013 година, на островите на кои живеат само 2900 луѓе, се одржа референдум за идниот статус на Фокландите. Само тројца гласачи се изјаснија за промена на сегашниот статус на британска прекуморска територија.