Аргентинскиот претседател Кристина Фернандес де Кирхнер ќе отсуствува од својата функција најмалку еден месец, откако лекарите и наредија целосен одмор во следните 30 денови.
Шеесетгодишната претседателка беше на специјалистички преглед, кога лекарите открија дека има крварење во мозокот и хематом. Портпаролот на Кирхнер изјави дека таа, сепак, нема да се лекува во болница, туку дека ќе биде дома, под строга контрола на лекарите.
Потпретседателот на државата, Амадо Боудо кој се наоѓа во посета на Франција, ја прекина посетата и итно се враќа во Аргентина, за да ја преземе претседателската функција, во времето додека Кирхнер е на лекување.
Аргентинската претседателка се наоѓаше на турнеја низ земјата, во рамките на изборната кампања за нов состав на Конгресот, кога се пожалила дека не се чувствува добро, по што има преживеала и емоционален стрес.
Испитувањата на јавното мислење покажуваат дека партијата на Кирхнер би можела да доживее пораз на изборите, што се закажани за 27 октомври. Кирхнер се наоѓа на средината од својот втор мандат како аргенитински претседател. Прв пат победи на изборите во 2007 година, наследувајќи го својот сопруг Нестор Кирхнер.
Во 2011 година, таа го освои и вториот мандат, а опозицијата тврди дека сака да се кандидира и по трет пат, за што нема законско право. Потребна е промена на аргентинскиот Устав за да може да обезбеди и трет претседателски мандат, а за тоа е неопходно нејзината партија да обезбеди мнозинство во Конгресот.
Кристина Кирхнер е лидер на левoцентристичката перонистичка Хустисијалистичка партија и во Аргентина и во Јужна Америка важи за популист, како и претседателите на Венецуела, Еквадор и Боливија.
Лидерите на Еквадор и Боливија ги изменија законските прописи за да може да си обезбедат трет мандат, откако пред нив, сега починатиот Уго Чавез, се прогласи за доживотен претседател на Венецуела.