Аргентинската Влада на лев центар одобри пакет итни мерки кои би требало да помогнат да се надмине најголемата економска криза во земјата во последните 18 години.
Аргентина е во рецесија поттикната од колапсот на пезосот пред 18 години. Се очекува економијата годинава да се намали за 3,1 отсто, инфлацијата изнесува 55 проценти, а невработеноста се приближува до 10,5 отсто.
– Аргентина не може да ги подмири своите финансиски обврски, изјави вчера претседателот Алберто Фернандез, споредувајќи ја ситуацијата со кризата на почетокот на векот, најлошата во поновата историја на државата.
Итните мерки вчера попладне по локално време беа објавени во Службен весник, откако Конгресот ги одобри минатиот петок, а Сенатот во саботата.
Планот вклучува зголемување на данокот на купување девизи, извоз на земјоделски производи и продажба на автомобили. Владата планира да ги зголеми даноците и за средната и високата класа. Законот предвидува и дополнителни извршни овластувања на подрачјето на финансии, даноци, управа, пензии, царини, енергија, здравство и социјална политика.
Цел на Владата е да „води сметка за потребите на најзагрозените сектори и да поттикне раст“, рече, меѓу другото, министерот за социјална политика Алехандро Ванољи.
Владата вети дека ќе се бори против гладта и најави 10.000 пезоси (160 долари) бонус за пензионерите, како и замрзнување на цените на комуналните услуги на шест месеци.
– Ситуацијата е тешка. Земјата беше принудена да го реструктуира долгот во услови на голем фискален и финансиски дефицит, рецесија и инфлација, истакна Ванољи, дополнувајќи дека државата ги насочува сите напори за помош на социјално најзагрозените.