Аргентина делумно ќе ги укине даноците наметнати на стоки купени во странство, најави висок аргентински функционер, како дел од поширокото економско отворање на земјата за кое се залага претседателот Хавиер Милеj.
Оваа мерка треба да стапи на сила во декември и има за цел да им овозможи на потрошувачите пристап до поевтини производи, изјави Мануел Адорни, портпарол на аргентинскиот претседател, пренесе Ројтерс.
Врз основа на планот, лимитот за купување странска стока ослободена од данок ќе се зголеми на 3.000 долари од 1.000 долари по испорачан пакет, рече министерот за економија Луис Капуто.
Мерката вклучува и ослободување од царински давачки за увезената стока за лична употреба во вредност до 400 долари, при што купувачите подлежат само на данокот на додадена вредност во земјата, додаде тој на Твитер.