Иранскиот министер за надворешни работи, Абас Аракчи, изјави дека Иран би можел да избере нов врховен лидер во рок од еден или два дена, бидејќи земјата започна 40-дневен период на жалост по атентатот врз ајатолахот Али Хамнеи во американско-израелските напади.
Аракчи за Ал Џезира изјави дека механизмот за уставно наследување веќе се активира и дека е формиран преоден совет, составен од претседателот, главниот судија и адвокат од Советот на чувари.
„Оваа група од три члена би била задолжена за лидерството пред да се избере нов лидер. Претпоставувам дека ќе потрае кратко време. Можеби за еден или два дена ќе изберат нов лидер за земјата“, рече Аракчи.
Аракчи го нарече атентатот врз Хамнеи апсолутен преседан и големо кршење на меѓународното право. Тој рече дека Хамнеи не е само политички лидер на Иран, туку и високо рангиран верски лидер за милиони муслимани, дури и надвор од Иран, низ целиот регион.
Тој нагласи дека земјите од Заливот треба да извршат притисок врз САД и Израел да ги сопрат нападите, бидејќи тие земји ги започнаа нападите. Хамнеи, 86, беше убиен во саботата во американско-израелски напади низ целата земја, во кои, според иранските служби за вонредни ситуации, загинаа најмалку 201 лице. Меѓу загинатите се високи безбедносни функционери и членови на семејството на Хамнеи: неговата ќерка, зет и внук.
