Техеран е подготвен да ги обнови преговорите со САД, но тие мора да бидат фер и не смеат да се однесуваат на одбранбените способности на Иран, изјави денес шефот на иранската дипломатија, Абас Арагчи, додека регионалните сили се стремат да спречат конфликт меѓу двата соперника.
Американскиот претседател Доналд Трамп вчера изјави дека има намера да разговара со Иран иако САД испратија уште еден воен брод на Блискиот Исток, а шефот на Пентагон рече дека војската ќе биде подготвена да направи што и да одлучи претседателот.
Еден од главните услови на американската страна за продолжување на преговорите со Иран е да се ограничи неговата ракетна програма, изјави висок ирански функционер за Ројтерс минатата недела.
Иран го отфрла тоа барање.
„Доколку преговорите се фер и еднакви, Иран е подготвен да учествува во такви преговори“, изјави министерот за надворешни работи Абас Арагчи на прес-конференција со својот турски колега во Истанбул.
Арагчи рече дека во моментов не се закажани разговори меѓу Техеран и Вашингтон. Регионалните сојузници, вклучувајќи ги Турција, Обединетите Арапски Емирати и Саудиска Арабија, вложуваат дипломатски напори за да спречат воен конфликт меѓу Вашингтон и Техеран.
Арагчи, одговарајќи на американските закани за воена акција, рече дека Техеран е подготвен и за преговори и за војна.