Хаити го доби новиот премиер Ариел Анри по неодамнешното убиство на претседателот на државата Жовенел Моиз.
– Задачата што не очекува е сложена и тешка, истакна Анри по преземањето на функцијата, порачувајќи дека верува во дијалог.
Анри, кој го замени вршителот на должност премиер Клод Жозеф, повика на единство и рече дека наскоро ќе го објави составот на владата.
Доаѓањето на Анри на чело на владата беше поддржано од амбасадорите на САД, ЕУ, Франција, Германија, Шпанија, Бразил и Канада, како и од претставници на Обединетите нации и Организацијата на американските држави.
Истрагата за убиството на Моиз сè уште е во тек. Властите соопштија дека уапсиле 20 лица директно инволвирани во атентатот, а повеќето од нив се поранешни колумбиски војници.
Властите на Хаити вчера уапсија и тројца полицајци осомничени за вмешаност во убиството на претседателот Моиз.
Моиз беше убиен утрото на 7 јули во неговата резиденција од група вооружени мажи.