Американските власти намерно даночно гонеле опозициски групи

Од:

Американскиот претседател Барак Обама е соочен со критики за политичка злоупотреба на Управата за јавни приходи на САД, која покренала истрага против десетици политички групи формирани во рамките на десничарското движење Ти-партија или „Партијата на чајот”, јави дописникот на МИА од Вашингтон.

Истрагите биле извршени во периодот меѓу конгресните избори во 2010 и претседателските и конгресните избори во 2012 година, а нивна цел биле 75 групи поврзани со опозицијата, кои побарале да добијат статус на група ослободена од плаќање данок.

Законот дозволува политичките групи формирани да промовираат идеологија или политички став да бидат ослободени од данок, додека тие што работат за одреден политички кандидат мора да платат данок.

Американската даночна служба ИРС признава дека групите кои во своето име имале одредница како „ти-партија” или „патриотска” автоматски биле изложувани на дополнителни даночни проверки, им биле барани огромен број документи и докази за да бидат ослободени од данок. Од 300 групи кои биле изложени на дополнителни проверки, дури една четвртина биле поврзани со ова крило на опозицијата.

Опозициските групи се загрижени поради даночните истраги и поради тоа што со нив им била дадена можност нивните донатори да останат анонимни и сметаат дека на овој начин власта се обидела да го сузбие популарното движење чии кандидати триумфираа на изборите во 2010 година.

– Признанието на администрацијата на Обама дека даночната служба ИРС ги гонела неговите политички противници е една од најсрамните злоупотреби на власта, изјави претседателот на Претставничкиот дом на Конгресот на САД Џон Бојнер.

Комесарот на ИРС Даглас Шулман призна дека неговата служба намерно ги контролирала групите со ознака „ти-партија” и „патриотска”, но вели дека тоа не било наредба од врвот на службата, туку било дело на пониско поставени функционери.

Сепак, Шулман во неговото сведочење пред Конгресот во март 2012 година ги негирал тврдењата на опозициските републикански конгресмени дека групите од десницата почесто се контролираат од страна на даночниците.

Група од 16 организации кои биле изложени на даночни контроли покрена истрага против работата на даночната служба ИРС и бара одговорност од службениците и функционерите кои на овој начин ја оневозможувале нивната работа.

И Белата куќа ги потврди злоупотребите. – Загрижени сме и сметаме дека тоа што се правело е несоодветно однесување. Очекуваме целосна истрага, изјави портпаролот на Белата куќа Џеј Карни.
Лоис Лернер, функционерка во ИРС задолжена за политичките групи, во телефонско интервју со повеќе медиуми призна дека нејзината агенција не се однесувала слично кон групи блиски до власта и беше изложена на исмевање кога не можела да пресмета колкав процент од групите кои биле изложени на дополнителна контрола се блиски до опозицијата.

– Не ме бива за математика, рече Лернер, во необично признание за функционер на даночната служба.

Движењето „Ти партија“ своето име го доби од Бостонската чајанка во 1773 година, протестното фрлање на чај од британски бродови кое го почнало американскиот отпор против даночната политика на Британија, а со тоа и Американската револуција. Движењето се залага за намалување на улогата на државата во општеството преку намалување на даноците и слобода на пазарот. Милионските собири на Ти партијата во 2010 година доведоа до голема победа на републиканците и од 435 конгресмени, 66-мина се декларирани членови на ова крило на Републиканската партија.

Би можело да ве интересира

Гејтс донираше огромна сума пари за Камала Харис, истото го направија и други американски милијардери

Горан Наумовски

ВИДЕО: Масакр кај Сиетл,15-годишник уби петмина

Катерина Ѓуровски

(ВИДЕО) Се урна хеликоптер, неколкумина загинати, меѓу кои и дете

А1он

САД се загрижени се можното присуство на севернокорејски војници во Украина

Несреќа во САД: Се урна пристаниште, најмалку седум загинати

САД се заканија, а Нетанјаху ги зголеми испораките на хуманитарна помош во Газа