Американскиот министер за одбрана Пит Хегсет го предупреди Иран дека ќе се соочи со последици за поддршката на Хутите, кои го контролираат северен Јемен и напаѓаат бродови во Црвеното Море, наводно во знак на солидарност со Палестинците.
Предупредувањето на Хегсет дојде и покрај фактот дека САД ги продолжија разговорите со Иран за неговата нуклеарна програма, објави Ројтерс, наведувајќи дека американските и иранските преговарачи ќе се сретнат повторно во Рим во сабота.
– Порака до Иран: Ја гледаме вашата поддршка за Хутите. Знаеме точно што правите. Знаете многу добро што е способна да направи американската војска – и сте предупредени. Ќе се соочите со последици во време и на место што ние ќе го избереме, напиша Хегсет на социјалната мрежа X.
Хегсет подоцна сподели порака од американскиот претседател Доналд Трамп, објавена на социјалната мрежа Truth Social во март, во која Трамп рече дека Иран ќе биде одговорен за сите напади извршени од Хутите.
Иранските лидери претходно тврдеа дека Хутите дејствуваат независно, а САД извршија напади врз повеќе од 1.000 цели поврзани со групата од почетокот на март.
Во последните недели, американската војска го зголеми своето присуство во регионот на Блискиот Исток, а Пентагон распореди шест бомбардери Б-2 на островот Диего Гарсија во Индискиот Океан, што експертите го сметаат за идеална позиција за операции во регионот.
Покрај тоа, САД моментално имаат два носачи на авиони во регионот на Блискиот Исток и преместија системи за воздушна одбрана од Азија во областа.