Се поголем број Американци сакаат да бидат вакцинирани и поддржуваат воведување разни ограничувања за луѓето кои се противат да примат вакцина проtив Ковид-19, се дознава од најновата анкета на „Ипсос“ и агенцијата Ројтерс.
Според резултатите на анкетата во која учествувале 1005 лица, а спроведена е неделава во понеделник и вторник, 54 отсто од испитаните изјавиле дека се „многу заинтересирани“ за вакцинација. Во јануари, тој број на заинтересирани изнесувал 41 отсто, а лани во мај само 38 отсто. Од друга страна, 27 проценти од Американците изјавиле дека не се заинтересирани за вакцинација, и тој резултат останува неизменет од лани во мај.
Анкетата укажува дека мнозинство Американци би сакале ограничени контакти со луѓето кои не се вакцинирани. 72 отсто од испитаните изјавиле дека им е важно да знаат дали се вакцинирани луѓето околу нив, 62 отсто се согласуваат дека луѓето кои не се вакцинирани не треба да им се дозволи да патуваат во авиони, додека 55 отсто рекле дека на невакцинираните не треба да им се дозволи да посетуваат јавни простори како спортски сали, кино сали или концерти.
60 проценти од Американците сакаат нивните работодавачи да побараат од вработените, пред да се вратат на работа во канцеларија, да се вакцинираат против коронавирус, а 56 отсто сметаат дека вработените кои не се вакцинирани треба да работат од дома.
По овие прашања има партиска поделеност. Според анкетата, републиканците помалку, а демократите повеќе, поддржуваат ограничувачки мерки за луѓето кои не се вакцинирани. Сепак, 40 отсто од републиканците поддржуваат забрани за посети на спортски и кино сали, а 50 отсто се согласни да има забрана за летање на невакцинирани.
Според агенцијата, околу 18 отсто од возрасните Американци досега добиле најмалку една доза вакцина. Претседателот Џо Бајден синоќа во обраќање до нацијата порача неговата Администрација да стори се што е можно секој возрасен Американец да има право да се вакцинира до 1 мај оваа година.