Детска болнца е еден од трите медицински објекти во бунтовничкиот дел на Алепо, каде беа изведени воздушни удари, јави ДПА, повикувајќи се на локалните организации за заштита на човековите права.
Детската болница „Ал Хаким“ по вторпат оваа недела е цел на воздушен удар.
Засега нема информации за жртви, но на видеата кои беа објавени на интернет, за кои се тврди дека се направени од медицинската установа во квартот Шаар, се гледаат делови од човечки тела.
Друга болница прекинала со работа поради воздушните удари, соопшти Сојузот на сириските медицински организации.
Генераторите биле вклучени и поради тоа бил предизвикан пожар во зградата. Во таа болница, со кодно име „М1“, се вршеле хируршки интервениции.
Третиот воздушен удар е извршен врз болницата „Ал Бајан“, каде исто така се правеле операции.
Организациите за заштита на човековите права ја обвинија Владата на претседателот Башар ал Асад и нивниот сојузник Русија, дека намерно бомбардирале медицински објекти во источниот дел на Алепо, кој е под контрола на бунтовниците.
Сириската опсерваторија за човекови права соопшти дека при ударите на режимот во тој дел од градот денеска се убиени најмалку девет цивили.
Вкупно 105 цивили загинаа од вторникот досега во Алепо при борбите меѓу бунтовниците и владините сили.
Локалните борци за човекови права тврдат дека сегашните напади на режимот се извршени со руска воздушна поддршка, додека Москва ја негира таа информација.