Обединетите нации, во отсуство на безбедносна гаранција, не можат да го искористат прекинот на огнот што е во сила во Алепо за да достават хуманитарна помош во источните делови на градот, кои се под опсада на владините сили, изјави денеска портпаролот на Канцеларијата на ОН за координација на хуманитарните прашања Џенс Ларке.
Русија, чија авијација помага при офанзивата на сириската војска, одобри бунтовниците да го напуштат градот со оружје од 9 до 19 часот по локално време, преку два специјални коридори, пренесува Фена.
– Хуманитарните операции не можат да зависат од политичките и воените иницијативи, истакна Ларке. Она што навистина ни е потребно во Алепо е помошта да стаса во градот, да биде дистрибуирана во источно Алепо и тоа на одговорност на сите страни, кои треба да ги преземат неопходните мерки, посебно нудејќи безбедносни гаранции, истакна тој.
Осум илјади бунтовници и 250.000 – 275.000 цивили се наоѓаат во источниот дел на градот, покажуваат податоците на ОН.
Сириската армија, претходно денеска, потврди дека прекинот на огнот ќе трае од девет до 19 часот по локално време, јави ТАСС.
– Откако војниците успешно се справија со сите обиди на вооружените групации да ги пробијат блокадите во источните региони на Алепо, командата на сириските вооружени сили донесе одлука со цел избегнување на неотребно крвопролевање да воведе уште една хуманитарна пауза. За време на паузата ќе бидат отворени сите коридори за движење на цивилите и борците, кои можат да го задржат своето оружје, посочи воената команда.
Сириските војници повторно ги повикаа бунтовниците да го почитуваат примирјето и да го напуштат Алепо преку двата коридора наменети за нив. На 20 октомври сириската Влада и војската презедоа операција за евакуација на цивилите и ранетите, како и за извлекување на вооружените борци од источните квартови.
Радикалните групации сепак го осуетија примирјето, отворајќи оган кон квартовите, низ кои минуваат коридорите и а не им дозволија на жителите да ги напуштат опколените зони.