Ирачкиот премиер Мустафа ал-Кадими изјави дека на неговата земја веќе не и требаат американските трупи за да се борат против таканаречената Исламска држава, но формалната временска рамка за нивно прегрупирање ќе зависи од претстојните разговори со американските власти, на почетокот на следната недела.
Ал-Кадими за американските медиуми кажа дека Ирак ќе продолжи да бара помош од САД за обука и воено-разузнавачки податоци.
Ирачкиот премиер утре ќе замине за Вашингтон, каде треба да се сретне со американскиот претседател Џо Бајден, со кого ќе ја предводи четвртата рунда стратешки преговори, јавуваат американските медиуми.
-Нема потреба од никакви странски трупи на ирачко тло, рече ирачкиот официјален претставник, додавајќи дека ирачките безбедносни сили и војската се способни да ја бранат земјата без коалициските сили предводени од САД.
Ал-Кадими додаде дека евентуалното повлекување на американските војници ќе се темели на потребите на ирачките сили, што минатата година покажаа дека можат сами да извршуваат независни мисии против Исламската држава.
-Војната против ИД и подготвеноста на нашите сили бараат посебна временска рамка, а тоа ќе зависи од преговорите што ќе ги водиме во Вашингтон, додаде ал-Кадими.
САД и Ирак во април се согласија дека преминот кон мисија за обука и советување ќе значи дека ќе заврши борбената улога на американската армија во оваа земја, но тие не се согласија за временската рамка кога транзицијата на мисијата да заврши.
На утрешниот состанок во Белата куќа, Бајден и Ал-Кадими се очекува да ја прецизираат оваа временска рамка, која најверојатно ќе биде до крајот на годината.
САД од крајот на минатата година во Ирак задржаа околу 2.500 војници, со наредба на поранешниот претседател Доналд Трамп.