Медиумската мрежа Ал Џезира бара од Египет 150 милиони долари за претрпените штети на своите инвестиции во земјата од јули 2013 година.
Мрежата вчера поднесе формално известување за спорот до привремената влада на Египет. „Известувањето за спор“ се темели на билатералниот договор постигнат 1999 година меѓу Египет и Катар, а кој предвидува меѓусебно промовирање и заштита на инвестициите.
Доколку не биде постигнато решение меѓу телевизиската мрежа и египетските власти во рок од шест месеци, Ал Џезира објави дека предметот ќе го проследи на меѓународна арбитража.
Месеците откако војската ја собори владата на претседателот Мохамед Морси, новинарите и вработените во Ал Џезира беа постојано изложени на вознемирувачка кампања и закани. Привремената влада изврши претрес и затворање на канцелариите на телевизијата, одземање на опремата и спречување на вршење пренос.