Претседателот на шведскиот Парламент денеска му врачи на актуелниот премиер, социјалдемократ Стефан Ловен, нов мандат за формирање влада, два месеца по парламентарните избори во Шведска, по кои никој не успеа да добие потребно мнозинство за да формира влада.
На 61-годишниот Ловен му е доверено вторпат да најде коалициски партнери по неуспешниот прв обид во октомври.
На изборите на 9-ти септември немаше победник способен да создаде стабилна коалиција. Социјалдемократската партија на Ловен остана прва политичка сила по број на места во Парламентот и нејзината црвено-зелена коалиција ја задржа предноста во однос на десноцентристичкиот блок, со 144 пратенци од вкупно 349 пратеници.
На крајот на септември, премиерот поднесе оставка откако ја загуби доверба во Парламентот, како резултат на гласањето на централно-десничарската Алијанса, поддржана од гласовите на екстремната десница.
Оттогаш, двата табора залудно се обидоа да формираат коалиција, одбивајќи да влезат во сојуз со екстремно десничарските Шведски демократи, кои освоија 17,6 отсто од гласовите на изборите.
Во случај на неуспех на Ловен на гласањето во парламентот на почетокот од декември, претседателот на Риксдагот (парламентот) Андреас Норлен ќе има две опции за изнаоѓање политичко решение пред да распише нови избори.
-Ситуацијата и понатаму е тешка, вели Норлин, кој се надева дека новиот премиер ќе биде назначен пред гласањето за буџетот на Риксдагот на 12-ти декември.
-Граѓаните сметаат дека е време да се стави крај на оваа ситуација, додаде тој.