Обвинители денеска упаднаа на 45 адреси, во осум округа во југоисточна Романија, вклучувајќи го и Букурешт, во акцијата за разбивање на криминална група, составена од романски и турски државјани, специјализирана за перење пари, избегнување на плаќање даноци и присвојувања преку трговија со големи количества житарици, пренесе агенцијата Аџерпрес.
Дирекцијата за истражување на криминалот, организираниот криминал и тероризмот на 12 октомври ја почнала кривичната истрага против 42 лица, а со наредба од 14 октомври преземени се активности против уште 37 обвинети.
Според обвинителите, од 2009 година обвинетите романски и турски државјани тргувале со големи количества житарици без да ги добијат сите необходни документи, а со цел да го избегнат плаќањето даноци.
Штетите предизвикани во државниот буџет изнесувале приближно 18 милиони евра.