Иранскиот духовен лидер, ајатолах Али Хамнеи денеска на официјална церемонија го потврди изборот на Хасан Рохани за шеф на државата.
Согласно Уставот на земјата со оваа потврда започнува четиригодишниот мандат на Рохани. Утре ќе се одржи втора церемонија за стапување на должност, на која Рохани ќе положи заклетва пред Парламентот и за првпат во присуство на странски лидери.
Хасан Рохани, кој победи на претседателските избори на 14 јули, доаѓа на оваа функција на местото на Махмуд Ахмадинеџад, за чие осум годишно управување Иран стана една од најизолираните земји во светот и беше санкционирана од ЕУ и ОН поради нејзината нуклеарна програма, што предизвика огромен притисок врз економијата на државата.
Рохани е исправен пред сериозни предизвици, меѓу кои борбата со инфлацијата, која минатиот месец достигна 42 процента, намалување на големата невработеност и решавање на сериозните политички несогласувања во земјата. Неговиот избор побуди надеж кај западните земји и во самиот Иран дека ќе може да ги поттикне преговорите за иранската нуклеарна програма и преку прагматична политика да ги подобри односите со ЕУ и САД.
Иранците се надеваат дека Рохани ќе именува покомпетентни луѓе на клучните министерски функции и ќе води поразумна економска политика.