Африканската унија денеска соопшти дека го суспендирала членството на Буркина Фасо до повторно воспоставување на уставниот поредок во таа западноафриканска земја.
Суспензијата на Буркина Фасо се случува една недела откако бунтовничките војници извршија државен удар и го соборија демократски избраниот претседател на државата, Рок Марк Кристијан Каборе, тврдејќи дека не е способен да го спречи насилството на џихадистите.
Блокот на 15 западноафрикански држави (ECOWAS) минатата недела го суспендираше членството на Буркина Фасо, со што таа стана трета земја во регионалниот сојуз, по Мали и Гвинеја, која е казнета за воено преземање на власта во изминатата година и пол.
Земјите чие членство е суспендирано не можат да учествуваат на состаноци или при донесување одлуки, наведуваат официјални претставници.
Иако не се воведени санкции против Буркина Фасо, денеска во главниот град Уагадугу, поради проценка на ситуацијата, пристигна делегација составена од претставници на ECOWAS и шефот на Канцеларијата на ОН за Западна Африка и регионот Сахел, Махамат Салех Анадиф.
На самитот на ECOWAS в четврток во Гана ќе се разговара за ситуацијата во Буркина Фасо и Мали, кој исто така е под строги санкции наметнати откако водачот на државниот удар не организира избори во рок од 18 месеци.
Извор: МИА