АфД со огромен резултат, Левицата порача: „Со нив нема мнозинство“

Од:

Зелените, Левицата и Социјалдемократите со неверување реагираа на силниот резултат на крајнодесничарската Алтернатива за Германија (AfD) на неделните покраински избори во Саксонија-Анхалт.

– Сведоци сме на драматична ситуација, изјави Феликс Банасак, сојузниот претседател на Зелените.

Тој додаде дека има поделени чувства, посочувајќи на зголемената поддршка за Зелените во Саксонија-Анхалт. Многумина веќе ги отпишаа Зелените, но партијата сега, според сè, ќе го постигне својот најдобар резултат во историјата на покраината на покраински избори.

„Тоа ме исполнува со радост и гордост“, додаде тој.

По објавувањето на првите прогнози во Магдебург, Ева фон Ангерн, носителката на листата на Левицата во оваа покраина, зборуваше за „црн ден за Саксонија-Анхалт“.

Таа објасни дека не станува збор за резултатот на нејзината партија, туку за „последиците што овој резултат би можел да ги има за Саксонија-Анхалт и за луѓето во Саксонија-Анхалт“, изјави таа за јавниот сервис АРД.

Според лидерот на партијата, Инес Швердтнер, Левицата има намера да го држи победникот на изборите, AfD, подалеку од власта по покраинските избори.

„На CDU е да каже кој сега ќе ја преземе одговорноста“, изјави Швердтнер за јавниот сервис ЗДФ, осврнувајќи се на можна идна влада што би ја поддржала нејзината крајнолевичарска партија.

„Мора целосно да биде јасно дека нема да има никакви променливи мнозинства што би го вклучувале AfD“, продолжи Швердтнер.

Генералниот секретар на Социјалдемократската партија (SPD), Тим Клисендорф, очекува формирањето влада во Саксонија-Анхалт да биде тешко.

„Ситуацијата е сложена и сега мора да почекаме и да видиме како ќе се одвива вечерта“, изјави Клисендорф за ЗДФ.

SPD од левиот центар би можела од изборите да излезе „со одреден оптимизам, но и со самодоверба“, бидејќи во последните неколку недели сепак успеала да привлече многу гласачи, оцени Клисендорф.

Социјалдемократите сакаат да имаат улога во формирањето демократско мнозинство против AfD. Истовремено, Клисендорф призна дека станува збор за „навистина драматичен резултат за AfD“.

Според првите излезни анкети на телевизиите АРД и ЗДФ, AfD на неделните избори освои околу 44 отсто од гласовите, далеку пред конзервативната Христијанско-демократска унија (CDU), која освои 18,5 отсто.

AfD досега не учествувал во ниту една владејачка коалиција во 16-те германски покраини, ниту пак во сојузната влада, бидејќи сите останати етаблирани партии одбиваат соработка со него, придржувајќи се до политиката позната како „заштитен ѕид“.

Предводен од харизматичниот носител на листата Улрих Зигмунд, AfD се надева дека во Саксонија-Анхалт ќе го надмине тој „заштитен ѕид“ со освојување апсолутно мнозинство мандати во покраинскиот парламент во Магдебург.

Со тоа би станал првата крајнодесничарска партија што самостојно би управувала со една германска покраина по Втората светска војна.

Излезните анкети покажуваат дека трите левичарски партии – Левицата (Die Linke), Зелените и Социјалдемократската партија на Германија (SPD) – без поголеми проблеми го надминале изборниот праг од пет отсто потребен за влез во парламентот.

Првите проекции врз основа на делумно преброените гласови се очекуваат наскоро.

Популистичкиот Сојуз на Сахра Вагенкнехт (BSV) би можел да има клучна улога, бидејќи според излезните анкети се движи околу изборниот праг од пет отсто.

Би можело да ве интересира

Зигмунд: АфД испиша историја со победата во Саксонија-Анхалт

Горан Наумовски

АфД слави: „Испишавме историја“ по победата во Саксонија-Анхалт

Горан Наумовски

Полицијата пронајде 12 бомби поставени на далеководи, се трага по екстремист

АфД e пред историска победа

Горан Наумовски

Лавров: Западните обвинувања за руска вмешаност во инцидентот во Лајпциг се почеток на вистинска војна

Голем сајбер-скандал во Германија: Хакери објавија украдени податоци од Берлин