Јапонија и Кина го направија првиот чекор за подобрување на билатералните односи кои се на ниско ниво, изјави денеска јапонскиот премиер Шинѕо Абе по получасовата средба со кинескиот претседател Кси Џинпинг на маргините на самитот на Азиско-пацифичката економска соработка (АПЕК) во Пекинг.
– Верувам дека не само нашите азиски соседи долго се надеваа оти Јапонија и Кина ќе почнат да разговараат, туку и многу други земји. Конечно ги исполнивме нивните очекувања и го направивме првиот чекор во правец на подобрување на односите, посочи Абе.
Спорот меѓу Кина и Јапонија за ненаселените острови во Источно Кинеско Море предизвикува страв од воен судор меѓу двете земји со најголеми економии во Азија.
Абе побара од Кси да воспостави директна телефонска линија за спречување на судирите на море поради честите инциденти со бродовите околу спорните острови кои Кинезите ги нарекуваат Џиаоју, а Јапонците Сенкаку.
– Побарав од него да се примени механизмот на поморска комуникација и мислам дека ќе почнеме да работиме на преземање на конкретни чекори, наведе Абе.
Кси истакна дела Кина се надева оти со Јапонија ќе продолжат да одат по патот на мирен развој и дека ќе усвојат мудра воена и безбедносна политика.